Петте станови на Груевски проценети на 1,9 милиони евра

Агенцијата за конфискација на имот чека согласност од Владата за лицитација на одземените имоти на поранешниот премиер Никола Груевски. Директорот Дритон Небиу во интервју за Радио Слобондна Европа вели дека во државниот буџет ќе се вратат милиони евра, а поранешниот премиер има и други имоти за кои се уште не е направена проценка.
„Имаме и два имота во Нерово и Центар, за кои се уште немаме добиено оценка од судското вештачење, додека за се друго што е оценето, за становите на Бихачка и резиденцијата Панорама се работи за 2. милиони евра, поточно 1 милион и 950 илјади евра“, рече Небиу.
Владата треба да одлучи и што ќе биде со парцелите на Водно, дали ќе се продаваат како градежно или ќе останат во државна сопственост како шуми.
Во меѓувреме, сè уште не се продадени ниту третина од имотите на поранешниот шеф на Управата за безбедност и контраразузнавање Сашо Мијалков, кои беа конфискувани од Агенцијата за конфискација на имот. Небиу вели дека му е чудно зошто процесот на продажба не започнал порано.
„Сè уште поседуваме над 20 недвижности кои планираме да ги објавиме во следниот период. Секако дека треба да добиеме согласност од владата. Нема да оди бавно. Верувам дека до крајот на годината ќе имаме уште многу имоти ставени на јавно наддавање, а дали ќе се продаваат зависи од граѓаните“, додава Небиу.
Ниту едно евро од 17-те милиони евра од пресудата на Сеат Кочан за случајот „Трансмет“ не е вратен во државниот буџет. Недвижностите се заложни во банките, додека движните ствари, како камиони и останато ги нема во Агенцијата за одземање на имот. Од Агенцијата велат дека немаат надлежности ниту човечки ресурси да ги примат во Агенцијата.
Агенцијата ќе ги продава и облеката и чантите на Бојан Јовановски, познат како Боки 13, кои се проценети на околу 650.000 евра.
Фатлуме Дервиши