ВЕСТИРЕГИОН

Случувањата во Косово, Украина и Изрел – теми на Советот за безбедност

Случувањата на северот на Косово, војната во Украина и војната во Израел ќе бидат дел од темите на претстојниот состанок на Советот за безбедност кој го најави претседателот Стево Пендаровски. Универзитетскиот професор и член на Советот, Ненад Марковиќ сподели дека ова се трите најголеми воени и безбедносни жаришта, за кои на седницата би се граделе сценарија за евентуално ширење на конфликтите и евентуалните импликации за земјава.

„Не мислам дека било кој од овие три конфликта, па дури ни косовскиот, има директна закана во овој момент, меѓутоа мораме и тие развојни перспективи да ги видиме на трите конфликта, особено овој кој е најблиску до нас и да процениме дали постои или не постои ризик за понатамошна ескалација“, вели Марковиќ.

Зборувајќи за настаните во Косово, Марковиќ вели дека тие можат да се рефлектираат во Македонија на политички план, но не очекува евентуално прелевање на безбедносен план. Тој вели дека последните случувања воопшто не се наивни и земјава треба да знае како би ги пресретнала можните последици.

„Во случајот на Косово ние сме една држава која гледа да го држи тој кревок баланс во регионот помеѓу двете држави кои се во процес на преговори веќе предолго и кои евидентно почнаа своите проблеми да ги решаваат на малку поинаков и поагресивен начин. Тоа е развитие кое нам воопшто не ни одговара, на ниеден начин. Се рефлектира на нашето општество и во најмала рака може да предизвика одредени политички потреси, а не верувам дека може да предизвика безбедносни потреси, сега за сега во оваа форма“, додава Марковиќ.

Според Марковиќ, особено за израелско-палестинските односи и војната во Украина, не е нереално да се очекува ескалација, а земјава треба да подготви мерки кои ќе градат поотпорно општество. Седницата на Советот за безбедност се очекува да се одржи за десетина дена.

Лука Андреев

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button