Петти ден кампања за парламентарните избори

Коалицијата ВРЕДИ од Гостивар испрати порака дека кога ќе дојдат на власт прво ќе бараат независно судство и владеење на правото. Изет Меџити рече дека е дојдено време судството, како што посочи, да биде независно од ДУИ, Соравија и Србија. Вечерва ВРЕДИ го свика централниот собир на плоштадот „Скендербег“ во Скопје.
„Одговорност според законот. Ќе има одговорност пред судството, кога ќе се ослободи од корумпираната власт и ќе функционира слободно и без партиско влијание, без влијание на лотарија, без влијание на Соравија, без влијание на ДУИ и без влијание на Србија“, рече Меџити.
Од ВМРО-ДПМНЕ од населба Аеродром порачаа дека очекуваат убедлива победа. Христијан Мицкоски рече дека од 5-те принципи по кои ќе владеат, приоритет ќе биде владеењето на правото и одговорноста пред законот. Тој рече дека СДСМ ја унишила гордоста на македонскиот народ.
Европскиот фронт го одржа централниот митинг на плоштадот Македонија во Скопје. Првиот човек на ДУИ, Али Ахмети, им порача на политичките противници да внимаваат на зборовите и да се посветат на иднината на државата. Ахмети порача дека на 8 мај народот не само што ќе излезе на избори, туку ќе излезе на референдум за иднината.
„Да ги измериме добро нашите зборови. Да внимаваат добро на зборовите, затоа што оваа земја има свое место во Европа и во Европа не можеме да одиме одделно туку треба да одиме сите заедно“, рече Ахмети.
Коалицијата „Храбро за Македонија“ од средбата со граѓаните на Шуто Оризари на 8 мај побара поддршка за, како што рекоа, спречување на иселување на младите. Лупчо Ристоски рече дека 30 години секоја Влада работела на заминување на граѓаните и се збогатувала на нивна сметка.
СДСМ и коалицијата „За европска иднина“, кампањата во Скопје ја продолжија со митинг во Центар. Димитар Ковачевски рече дека за 7 години колку што владее СДСМ, државата се соочила со многу кризи, но успеала да излезе со бел образ од економските, здравствените и енергетските предизвици.
Движењето „ЗНАМ“ ја продолжи изборната кампања во Радовиш, потоа Василево, Ново Село, Босилово и Струмица. Во меѓувреме, „Левица“ свика народен собир вечерва во Гостивар во 19:30 часот, на кој ќе биде и отворањето на штабот и објавувањето на носителот на листата во шестата ИЕ, Игор Димески.
Адриан Керими