ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Почнаа предизборните караници меѓу Пендаровски и ВМРО

Откако Извршниот одбор на СДСМ најави дека актуелниот претседател Стево Пендаровски ќе биде нивен кандидат на претстојните избори, се заостри реториката на релација Вила Водно – ВМРО-ДПМНЕ. Од опозициската партија истакнаа дека Пендаровски нема кредибилитет да ја води државата, бидејќи често ги менувал своите ставови. Според ВМРО, во СДСМ воопшто и немало желба на други кандидати да влезат во трката наместо Пендаровски.

Advertisements

„Дали се кандидира под присила на Ковачевски, Маричиќ и Зечевиќ затоа што никој друг во СДС не сака да го носи поразот на грб, па ниту Оливер Спасовски, кој до последен момент мереше дали има математика за влегување во трка? Стево Пендаровски како претседател се покажа исклучително слаб, често демантиран од своите соработници, Владата или од самиот себе по неколку часа или неколку дена“, рече Миле Лефков – пратеник на ВМРО-ДПМНЕ.

На обвинувањата на опозициската партија реагираа од Кабинетот на Пендаровски. Оттаму велат дека ВМРО-ДПМНЕ во недостиг на суштински идеи и понуда, се служи со уличен жаргон и излитени фрази, во обид да го дискредитира шефот на државата.

„Со ваквата политичка комуникација ВМРО-ДПМНЕ нема да постигне ништо. Граѓаните добро знаат кој е претседателот Пендаровски, кој е постојано транспарентен, отворен и меѓу граѓаните. Доколку се сериозна политичка опција која има понуда за граѓаните, им препорачуваме да се фокусираат на тоа, отколку на малограѓанско политиканство“, велат од Кабинетот на Претседателот.

Името на Пендаровски како кандидат на СДСМ за претседател на државата се очекува да биде официјализирано на партискиот конгрес закажан за в недела. Ден претходно, в сабота, ВМРО-ДПМНЕ ќе одржи партиска Конвенција на која ќе биде претставена пратеничката Гордана Силјановска Давкова како нивен кандидат. Досега, неопходните десет илјади потписи за влез во предизборната трка ги собраа и Арбен Таравари од албанската опозиција, потпретседателот на ДУИ Бујар Османи, како и кумановскиот градоначалник Максим Димитриевски. Блиску до прагот од десет илјади потписи се и професорката Билјана Ванковска која ја предложи Левица, како и градоначалникот на Карпош Стевче Јакимовски.

Лука Андреев

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button