Почнува кампањата за Локалните избори 2021

Изборната кампања за Локалните избори 2021 закажани за 17 октомври почнува денеска и ќе трае 20 дена односно до 15 октомври на полноќ. Политичките партии и независните кандидати веќе ги најавија своите активности во кампањата иако најголем дел од кандидатите за градоначалници и советници во изминатите месеци веќе имаа неформални средби со граѓаните и претставување на своите програми на социјални мрежи.
Најголемите партии и коалиции кампањата ја почнуваат речиси традиционално од истите градови.
Централниот настан на караванот „Најдоброто за твојата општина“ предводен од СДСМ е закажан во Битола, а претходно караванот ќе биде со граѓаните на Демир Хисар. Во вторник караванот е во скопските општини Чаир и Кисела Вода по што ќе следува предизборна конвенција на кандидатот за градоначалник и листата за советници за Град Скопје. Караванот своите активности ги завршува на 15 октомври со голем граѓански настан во Куманово.
ВМРО-ДПМНЕ кампањата за локалните избори ќе ја води под слоганот „Создади нова иднина“, а ја почнува со собир во Античкиот театар во Охрид, а во текот на денот претставување на програмата во Скопје ќе има кандидатката за градоначалник на Скопје Данела Арсовска, која е поддржана од опозициската партија.
ДУИ најави дека кампањата ќе ја почне и ќе ја заврши во Гостивар.
Беса изборната кампања ќе ја започне вечер во Скопје со собир на отворено пред салата „Борис Трајковски“.