Полицијата ќе го регулира сообраќајот за време на Литијата во Струга

Сообраќајната полиција во Струга утре ќе врши кратко запирање на возилата во сообраќајот при премин на поворката од Литијата на улиците „Владо Малески“ и „15 Корпус“.
Портпаролот на СВР Охрид, Стефан Димоски информира дека полицијата ќе презема мерки за безбедно и непречено одвивање на црковната церемонија.
– Мерките ќе бидат преземени во однос на физички обезбедување на трасата каде што ќе се движи литијата, како и регулирање на сообраќајот додека се движи Литијата, изјави Димоски.
Познатата Струшка Литија (Еордија), традиционално се одржува на 7 мај, ден по празникот „Свети Георгиј Победоносец“, кога тргнувајќи од истоимениот храм моштите на светецот од манастирот во Рајчица, поставени на раскошно украсен епитаф заедно со чудотворната икона и Крнинската икона на Богородица поминуваат низ улиците во градот.
На Еордијата ќе ѝ претходи церемонијално полициско возило, кое на симболичен начин ќе го одбележи чествувањето на свети великомаченик Георгиј, како покровител на полициските и безбедносни сили, кои без оглед на нивната национална и верска припадност, секогаш се тука за да ги чуваат мирот и безбедноста.
Меѓу возилото и Литијата, ќе дефилира коњаник, облечен во римска трибунска воена облека која е изработена од автентични материјали и е верна копија на оригиналните воени оклопи од тоа време, дело на познат италијански експерт за историјата на древната Римска империја. Коњаникот, кој во раката ќе држи палмова гранка како симбол на мирот, ќе има улога на посебен редар и најавувач на процесијата.
На чело на Еордијата (Литијата) ќе биде член од Бигорското братство со клепало, потоа носачи на крстови, рипиди, знамиња, псалти и братството на Бигорскиот манастир, оркестарот на град Скопје, чудотворните иконите на Свети Георгиј Победоносец и Пресвета Богородица – Крнинска, сестринствата од манастирите во Рајчица и Пречиста, свештенството на Дебарско-кичевската епархија, митрополитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј и епископот Антаниски г. Партениј, и најпосле, најголемата светиња – моштите на светецот раскошно украсениот епитаф.
Моштите ќе бидат носени од четворица видни граѓани, а ќе бидат придружувани и чувани од четворица капетани од сејменската гарда на Бигорскиот манастир, облечени во раскошната традиционална мијачка носија, со сејменски ќостек на градите, на кој е претставен ликот на Свети Јован Крстител. Зад сердарите ќе оди сејменската гарда, чии членови ќе бидат, исто така, облечени во традиционални мијачки носии, со ќостек на градите со ликот на Свети Георгиј Победоносец.
Верниците и сите добронамерници ќе се движат после гардата, а оние што не можат да се вклучат во Литијата поради многубројниот народ, ќе останат на двете страни од улиците и заедно со дечиња во народна носија ќе ги поздравуваат моштите со зборовите „Христос воскресе – Навистина воскресе“ и фрлање цветни ливчиња.