
Најмалку 11 луѓе ги загубија животите во разорните пожари во Лос Анџелес, кои зафатија повеќе од 100 квадратни километри и принудија повеќе од 300.000 луѓе да се евакуираат. Пожарникарите се обидуваат да ги стават под контрола стихиите, а се зголемува загриженоста за можно подметнување на помали пожари. Најавената промена на ветровите се заканува дополнително да ја влоши состојбата. Властите предупредуваат дека бројот на жртвите може да се зголеми кога инспекторите конечно ќе стигнат до најтешко погодените области.
Во моментов во округот Лос Анџелес горат пет пожари.
Најмалку 12.000 згради се оштетени или уништени, објави Лос Анџелес Тајмс. Извори од органите за спроведување на законот изјавија за Тајмс дека е веројатно оти се подметнати повеќе помали пожари.
Како што јави Си-Би-Ес, иако ветровите ослабеа, се очекува вечерва повторно да почнат да зајакнуваат.
Пожарот Палисадес, најголемиот во областа, изгоре повеќе од 80 квадратни километри и сè уште е локализиран само осум проценти.