ВЕСТИЕКОНОМИЈА

Половните автомобили поскапи и до 30%

Цените на половните возила во земјава се зголемени од 20 до 30 отсто. Екипата на Алсат направи обиколка на неколку автоплацеви низ Скопје. Иако во последниов период побарувачката на увезени автомобили е значително намалена, трговците се принудени да ги продаваат половните возила по повисоки цени поради зголемените цени во странство, како и повисоките давачки кон државата.

„Поголемо поскапување на европскиот пазар се случи лани во ноември, и тоа се одрази на користените возила кои се продаваат кај нас. Вториот момент е поскапувањето на CO2 ставката во нашата држава, односно при увоз на возилата има покачување од 25 отсто. Подрастично се зголемени цените на ЕУРО 4 моделите“, вели Александар Димовски сопственик на автоплац.

Од автомобилскиот сектор во земјава веќе потврдија дека Европа се соочува со намалено производство на нови возила. Од овој сектор очекуваат дека ќе поскапат и новите возила, бидејќи репроматеријалите освен што доцнат со достава, тие веќе имаат и нова повисока цена.

„Падот на автомобилската индустрија за оваа година ќе биде минимум 15 проценти повеќе од планираното. Тоа значи дека од вкупно два и пол милиони возила поради Украинската криза кои помалку ќе се произведат во светот 1,7 милиони возила ќе биде падот во Европа“, рече Виктор Мизо претседател на здружение на странски инвестиции со технолошко напредно производство.

Информациите кои ги добивме од терен велат дека граѓаните кои сега сакаат да купат половно возило бараат да не биде постаро од 2015 година. Таквите возила на плацевите надминуваат и 10 илјади евра. Најбарани според трговците последниов период биле автомобилите за почетници со помала моќност на моторот.

Иле Петревски

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button