СВЕТ
Поради делта сојот милиони жители затворени во домовите, Австралија го продолжува заклучувањето

Скоро половина од 25 милиони жители на Австралија остануваат затворени во своите домови поради ширењето на делта сојот на коронавирусот, вклучувајќи ги и граѓаните на Сиднеј, најголемиот град во земјата.
Австралиските власти денес објавија дека во државата Викторија заклучувањето, коешто требаше да трае до утре, ќе биде продолжено и во наредните денови и покрај благиот пад на бројот на нови инфекции.
Премиерот на Викторија, Даниел Ендрус, ја потврди веста, а повеќе детали најави утре.
Во државата Викторија, втора по бројност во Австралија, чиј главен град е Мелбурн, денес се потврдени 13 локални случаи на инфекција, три помалку од претходниот ден.