Поради расправа за буџетот, Собранието нема да одржува седници најрано до 5 декември

До крајот на годинава, Собранието не може ниту да избере, ниту да разреши функционери кои ги избира законодавниот дом. До финалното изгласување на буџетот за 2022 година, кој се очекува пратениците да го донесат до 5 декември – замрзнати се сите други процеси кои треба да се гласаат на пленарна седница.
Таков е и случајот со Комисијата за избори и именувања, која остана без претседател, откако пратеникот од редовите на СДСМ, Костадин Костадинов стана градоначалник на Струмица, а со тоа му завршија сите пратенички обврски. За да профункционира оваа Комисија која ги именува, избира и разрешува функционерите треба да се избере наследник на Костадинов и тоа токму на пленарна седница, која ќе може да биде свикана по гласањето на буџетот.
„Најпрво треба да се изврши промена на претседателското место, но и во сите работни тела со новите пратеници. Потоа ќе продолжи работата и на Комисијата за избори и именувања со задачите кои ги има пред себе, но и на сите други комисии. Не очекувам дека тоа ќе се случи пред следната нова седница на пленумот“, рече Јован Митревски, координатор на пратеничка група на СДСМ.
Ваквото стопирање на функционалноста на парламентот следи по локалните избори, на кои вкупно шест пратеници беа избрани за градоначалници. А, токму Комисијата за избори и именувања е таа која треба да ја констатира оставката на министерот за земјоделство Аријанит Хоџа, како и на другите двајца заменици – министри од редовите на БЕСА. Исто така, оваа собраниска комисија треба да предложи уставни судии пред народните избраници на пленарна седница, за да се комплетира составот на Уставниот суд. Шефицата на овој суд, Добрила Кацарска во телефонски разговор за Алсат вели дека завршува мандатот на уште еден уставен судија.
„Неопходно е Собранието да избере веќе четири уставни судии, бидејќи на 14 јануари му истекува мандатот и на уставниот судија Јован Јосифовски. Уставниот суд ќе се сведе на пет судии. Во ваков состав ќе имаме мнозинство, но нема да можеме да донесеме одлука, доколку еден судија гласа поинаку. Со пет уставни судии, Уставниот суд нема да може да носи одлуки кои се гласаат со двотретинско мнозинство“, вели Кацарска.
Уставниот суд моментално работи со шест судии, а догодина, ако не се изберат нови уставни судии, ќе работи само со пет. Уставен треба да донесе одлука за законитоста на Законот за коридорите 8 и 10 чии автопати ќе ги гради американско – турскиот конзорциум „Бехтел – Енка“, фирма која наместо да бидат избрани преку тендерска постапка, пратениците изгласаа посебен Закон со кој овозможуваат нивна градба.
Државната Антикорупциска комисија со поднесената иницијатива до Уставен, побара од судот да донесе времена мерка за стопирање на тој Закон, сè до конечно произнесување на Уставниот суд. Уставен судија веќе го подготвил рефератот за овој предмет, кој наскоро наводите во него ќе ги презентира на некоја од наредните седници на Уставен на која судиите ќе расправаат и ќе ја оценуваат уставноста на Законот за изградба на коридорите, односно автопатиштата.
Игор Стефановски