Поскапувањето на лебот го изненади министерот Бектеши
Поскапувањето на лебот го изненади министерот Бектеши

Министерот за економија Крешник Бектеши повтори дека големите компании кои се занимаваат со производство на леб се информирани за тоа што следува доколку ги зголемат цените, но кога новинарите го информираа дека цената на белиот леб од вчера е веќе зголемена од 33 на 37 денари, тој најави мерки.
„Во однос на лебот, во неколку наврати апелирав до производителите на леб во нашата земја, особено во скопскиот регион. Оние 4-5 компании кои се поголеми точно знаат што ќе се случи ако ја зголемат цената на лебот.
Се зголеми вчера. Значи, утре може да се преземат мерки“, изјави Крешник Бектеши, министер за економија.
Бектеши најваи дека мерките за спречување на растот на цените ќе бидат објавени најдоцна до почетокот на следната недела.
„Во моментов г-дин Бесими е при крај со подготовката на предлогот за ребаланс на буџетот и веројатно до крајот на неделата, најдоцна на почетокот на следната недела ќе излеземе со новиот буџет и секако и со нови мерки кои ќе бидат во корист на граѓаните“, рече Крешник Бектеши, министер за економија.
Според Бектеши, ограничувањето на маржите можеби нема да биде дел од овие нови мерки, бидејќи како што рече, тоа би било наједноставно. Наместо тоа, ќе се направи обид за директна поддршка на најсиромашните кои поради поскапувањата имаат тешка година.
Ајнур Бафќари