ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

После матурата, МОН ќе одлучува каква настава ќе има од септември

Министерката за образование, Мила Царовска не ја исклучува можноста за враќање на учениците во училишните клупи од септември со стартот на новата учебна година. Според неа, било што и да се одлучи, комбинираниот модел на настава оваа година преку онлајн часови и настава со физичко присуство, дал резултати. Во однос на вакцинацијата рече дека наставниците кои држеле настава од прво до трето одделение веќе биле вакцинирани, а со прва доза се вакцинирале и оние кои ќе бидат одговорни за спроведување на државната матура.

„И продолжуваме така со динамика група по група на наставници да се вакцинираат. По спроведување на успешна матура на почетокот на јуни, со министерството за здравство е разговарано да имаме заеднички состаноци, со кои ќе утврдиме на кој начин ќе почне учебната година од септември“, рече Царовска.

Сепак, Царовска не одговори до кога очекува да заврши вакцинацијата на целиот наставнички кадар.

Прашање: Кога очекувате вие да заврши комплетната вакцинацијата на целиот наставнички кадар бидејќи рековте дека сега се вакцинирале само оние кои држат настава со физичко присуство? И дали во однос на враќањето се прават одредени подготовки?

„Само што ви одговорив на прашањето“, возврати Царовска.

За утрешните најави за протести на родителите кои се против новиот закон за учебници со кој е предвидена нивна дигитализација, Царовска вели дека барањата биле остварени.

„…Бидејќи велиме – настава да има, учебници да има. Настава ќе има и учебници ќе има – што укажува на тоа дека барањата се остварени“, рече Царовска.

Но, родители од граѓанската иницијатива „Учебници и настава мора да има“, за Алсат тврдат дека надлежните останале глуви на нивните барања. Најавуваат протести ширум Македонија и марш во Скопје, но и поднесување на граѓанска иницијатива за задолжителен референдум против овој закон.

Мики Трајковски

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button