СВЕТ

Потонување на „Балтичкиот титаник“ – 26 години од најголемата поморска трагедија во Европа

Пред 26 години, за време на патувањето од Талин до Стокхолм, потона крстосувачот „Естонија“, со речиси 1.000 лица. Во бродоломот загинаа 852 лица – претежно Швеѓани и Естонци. Бројот на загинати ја прави оваа несреќа најголема поморска трагедија што се случила во водите на Европа.

Крстарецот „Естонија“ започна да плови во 1980 година под името „Викинг Сали“ и превезуваше патници од Турку до Стокхолм. Во тоа време, овој крстосувач беше еден од најголемите пловила на Балтичко Море.

Пред да го добие името „Естонија“, кога стана сопственост на „Естелајн“ во 1993 година, крстосувачот пловеше под имињата „Силја Стар“ и „Васа Кинг“.

Кобниот ден, од пристаништето во Талин, бродот тргна на 27 септември во 18:30 часот и се очекуваше да пристигне во Стокхолм околу 9:30 часот следниот ден. На бродот имаше 989 лица – 803 патници и 186 членови на екипажот.

Од 852 жртви, повеќето беа од Шведска – 501 лице, а загинаа 285 граѓани на Естонија.

Бродот бил целосно исполнет, а се користел и за превоз на товар поради помалиот број товарни бродови во тоа време.

Бранови со височина до 6 метри

Според официјалниот извештај за несреќата, временските услови биле лоши. Ветерот дувал со брзина помеѓу 15 и 20 метри во секунда, а висината на брановите била од четири до шест метри.

Првиот проблем на „Естонија“ бил забележан околу еден час по полноќ, кога силен бран во близина на Турку го погоди бродот, но беше утврдено дека нема проблеми на рампата и визирот.

Петнаесет минути подоцна, визирот се одвоил од лакот и крстарецот брзо започнал да се превртува.

„Предупредување, тревога“ – се слушнало од разгласот околу 1.20 часот, а истовремено било најавено и внатрешно предупредување за екипажот. Две минути подоцна, бил упатен повик за помош, но тој не бил во согласност со меѓународните стандарди.

Екипажот успеал да ја потврди локацијата со бродовите „Силја Европа“ и „Маријела“, но бродот исчезна од нивните радари околу 1,50 часот. Според преживеаните, крстосувачот се превртел 90 степени од првобитната положба пред да потоне.

Првиот брод што стигнал до местото на несреќата, околу 2,12 часот, бил „Мариела“, а највисокото ниво на тревога било објавено во центарот за спасување во Турку во 2,30 часот. Екипажот на бродот „Маријела“ успеал да спаси 13 лица.

Пилотот кој управувал со хеликоптерот „суперпума“, кој долетал од Турку, изјавил дека најтешкиот дел од операцијата за спасување било слетувањето на крстосувачите кои дошле да им помогнат. И покрај тоа, овој хеликоптер спасил 44 лица.

Од 989 лица кои се наоѓале на бродот, 34 биле спасени благодарение на бродовите кои пристигнале на местото на несреќата, а 104 патници биле извлечени со хеликоптер. Едно спасено лице почина во болницата.

По несреќата, ексхумирани се 96 тела, а последното тело е ексхумирано 18 месеци по трагедијата.

Причината за потонувањето – одвојување на рампата на лакот на бродот

Според официјалниот извештај за несреќата, бродот потонал затоа што бравите на вратите не ја издржале силата на брановите. Тие се откорнале од трупот, што овозможило вода да влезе во внатрешноста на бродот.

Крстарецот „Естонија“ потона во меѓународните води, на околу 41 километар од островот Ута, кој ѝ припаѓа на Финска.

Несреќата, како и потонувањето на „Титаник“, имаше големо влијание врз промената на правилата за безбедност на бродовите, но и промените во изгледот на појасот за спасување.

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button