
Реал Мадрид ја декласира Џирона со 4-0 во дербито на 24. коло во Примера. Со оваа победа „кралевите“ си направија предност на врвот која може да биде клучна во трката за титулата.
Двоен стрелец на овој натпревар беше Џуд Белингем, меѓутоа по голот за 3-0 во 54. минута англичанецот ги загрижи навивачите. Имено, играчот за врска се повреди и мораше да биде заменет. Тоа ги загрижи навивачите ширум светот, а околу неговата состојба зборуваше тренерот Карло Анчелоти.
„Белингем го истегна зглобот, ќе биде испитан во следните денови. Се надевам дека ќе биде подготвен да игра во вторник. Сме играле без него, тогаш од помош беа играчи како Брахим и Хоселу. Мислам дека го срушивме рекордот по бројот на повреди, немаме четири стопери“, изјави Анчелоти.
Ситуацијата на Белингем ќе се испитува интензивно во наредните денови. Веќе во вторник Реал Мадрид го очекува гостување кај Лајпциг и Ељиф Елмас во Лигата на шампионите.