Поврзани пукотници и убиства во Скопје, Грција и Косово

Од март до октомври серија убиства и обиди за убиства се евидентирани во Скопје, Приштина и едно во Грција кои според полицијата, претставуваат одмазда меѓу криминалните групи. Сè започна со убиствата во еден од познатите барови во близина на Старата скопска чаршија. На 6 март, маскирани мажи влегоа во локалот познат како „Шиша бар“ и ги убија Јетон Кривањева и Енес Исеин. Сторителите избегаа, а нивното возило беше најдено запалено на неколку километри од Скопје.
На 1 јуни полицијата уапси 31-годишник под сомнение за помагање на двојното убиство, но без конкретен епилог. Речиси две недели подоцна, Блерим Даци од Скопје беше убиен во Приштина, иако локалните власти не открија дали станува збор за поврзан случај со некој од претходните оружени инциденти или не.
Потоа на 15 јули во Грција беше убиен Орхан Бајрами, познат како Оки. Настрада во вила додека бил на одмор во близина на Солун, а уште едно лице беше рането. Ниту нашата полиција, ниту грчките власти не дадоа повеќе информации од истрагата.
На 25 август на паркингот во трговскиот центар „Ист гејт“ во Скопје беа испукани истрели кон автомобилот на Раде Трајковски, познат како Штекли. Тогаш се спаси од куршумите благодарение на блиндираното возило. Два месеци подоцна, на 24 октомври, Штекли и неговиот придружник беа цел на нов обид за ликвидација.
Ниту еден од горенаведените случаи кои директно ја нарушија безбедноста во Скопје сè уште нема епилог. Во една ваква ситуација опозицијата обвинува дека полицијата не успеала да го спречи обидот за убиство на Трајковски, иако тоа било најавено ден претходно на социјалните мрежи.
Но, министерот за внатрешни работи Спасовски вели дека бројките говорат поинаку. Според него, оперативната акција „Мали“ довела до ставање лисици на тројца осомничени, а против криминалните групи е отворена бескомпромисна војна. Според него, вчерашниот случај не ја нарушува општата безбедност во главниот град, а полицијата им објавила војна на криминалните групи на кои, како што рече, 30 години никој не собрал храброст да им се спротивстави.
Спасовски најави продолжување на акцијата „Безбеден град“, а во рамките на оперативната акција „Безбедно лето“ на проверка биле приведени 3.312 лица, претресени 2.870 автомобили, а уапсени 37 лица.
Адриан Керими