ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Повторно одложено судењето за модуларната болница во Тетово

Четири судски рочишта за модуларната болница во Тетово, откажани. Одбраната денеска не се согласуваше со начинот на кој обвинителството ги презентираше доказите. Адвокатите на обвинетите побараа дополнително време да ги подготват приговорите, бидејќи според нив, сведочењата земени како докази не се испитуваат, туку само се парафразираат. Страните не се согласија ни со извештајот на обвинителот кој се однесуваше на истрагата и договорот со Светската банка за финансирање на модуларната болница. Одбраната инсистира овој извештај да биде преведен, додека судот не планира да го признае како доказ.

Следното рочиште ќе се одржи на 27 декември. На него одбраната ќе изнесе контра-докази и забелешки за обвинението. На последните рочишта, според одбраната, беа обезбедени нови докази и предложени повеќе од 20 сведоци чие сослушување ќе се одвива во фазата предвидена со Законот за кривична постапка. Денешното рочиште беше дозволено да биде само аудио, без видео како што побара одбраната. Основниот суд Тетово образложи дека нема можност судските рочишта да ги снима истовремено со аудио и видео запис.

Трагедијата во тетовската модуларна болница се случи на 8 септември минатата година. Загинаа 14 лица, најголемиот дел хоспитализирани пациенти со Ковид-19 и нивни роднини кои биле во објектот за да се грижат за нив. Осомничени за оваа трагедија се поранешниот директор на болницата Флорин Бесими и поранешниот економски директор Артан Етеми. Поранешниот управител на модуларната болница Зоран Бобан Бучевски е обвинет дека не постапил според здравствените препораки за време на пандемија. Во истрагата беа вклучени и германски експерти кои ги утврдија причините за пожарот, односно прегреан продолжен кабел на кој бил приклучен и дефибрилаторот. Овој извештај беше ист со оној на домашните институции.

Башким Сулејмани

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button