Пожарот кај село Белица сѐ уште активен

Пожарот што пред три дена избувна во атарот на селото Белица во Општина Македонски Брод, се уште не е изгаснат. Зафатена е борова шума на површина од неколку хектари.
Градоначалникот Живко Силјаноски е во постојан контакт со претставниците на Регионалниот центар за управување со кризи (РЦУК), Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), Шумското стопанство и полицијата за во координирана акција да се спречи натамошно ширење на огнената стихија и предизвикување уште поголеми штети..
-Веќе трет ден е активен пожарот во атарот на село Белица. Претходните два дена се делуваше со хеликоптер на ДЗС од воздух и за да продолжи оваа операција, побаравме хеликоптерот да се вклучи во гаснење на пожарот и денеска. Интервенираа и членови на шумското стопанство, кои со прирачен алат се обидуват да спречат натамошно ширење, вели секретарот на Општина Македонски Брод, Пецо Стојкоски и потенцира дека за овој пожар најдобрата варијанта е да заврне пообилен дожд, како што најавија метеоролозите за следните два до три дена.
Според Стојкоски, тешко пристапните терени во Поречијата се голем проблем за да може да се интервенира на пожарите и со протипожарни возила и затоа единствена опција останува гаснење од воздух со хеликоптер или канадер.