ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Пратениците на ВМРО ДПМНЕ не ја блокираа денешната собраниска седница

Собраниската блокада на опозицијата не успева, оценуваат социјалдемократите. Пратеникот Јован Митрески вели дека кај колегите од ВМРО-ДПМНЕ опаднала енергијата за постојано пријавување за збор со што би се одолговлекла расправата. Според него, за некои закони, како што е оној за поврзување на локалните патишта, дури има и зелено светло од опозицијата, што не било случај лани.

„Денес ќе зборувавме за нови проекти и нови улици, ама тогаш за да не покажат успешност на тогашните градоначалници блокираа. Е сега имаат нивни градоначалници и сега треба да се покажат пред граѓаните. Кој трпи? Граѓаните. И кај нив веќе тој притисок од граѓаните се создава и очекувам дека ќе ја преиспитаат оваа политика барем пратениците, не нивното партиско раководство“, рече Јован Митрески – СДСМ.

Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски не даде конкретна оценка за успешноста на т.н. активна блокада, со која партијата целеше да издејствува предвремени парламентарни избори.

„Сите оние штетни работи коишто ги има во сите законски решенија ќе бидат блокирани со активна блокада, односно со зборување и обзнанување пред македонските граѓани за се она што е штетно во законите“, рече Никола Мицевски – ВМРО-ДПМНЕ.

Во намерата, ВМРО-ДПМНЕ доби поддршка од Алијанса за Албанците, кои бараат предвремени избори во октомври доколку земјава не ги започне преговорите за членство во Унијата.

„Оваа Влада нема кредибилитет и нема легитимитет, ниту бројчан легитимитет, ниту легитимитет врз основа на реализација на ветеното пред граѓаните“, рече Елми Азири – Алијанса за Албанците.

Од СДСМ веќе истакнаа дека парламентарните избори ќе бидат во редовниот термин во есента 2024 година, а за ДУИ се прифатливи предвремени избори, но заедно со претседателските, кои се закажани исто така за 2024 година, но на пролет.

Лука Андреев

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button