ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Пратениците од АА и Алтернатива предлагаат комисиски амандмани за Законот за државјанство

Комисијата за одбрана и безбедност денеска ја почна седницата на која треба да се одржи амандманската расправа за измените и дополнувањата на Законот за државјанството, по скратена постапка, поднесен од пратениците од Алијанса на Албанците (АА) и Алтернатива. За законот, според најавите, се подготвени десетина комисиски амандмани, по разговорите на пратениците и претседателите на СДСМ и премиер Зоран Заев и на АА и Алтернатива Зиадин Села. Претседателот на Комисијата Миле Талевски ја прекина седницата и побара најавените амандмани од АА и Алтернатива да бидат доставени до пратениците, а продолжението на седницата ќе биде дополнително закажано.

На седницата Талевски информираше дека пратениците од ВМРО-ДПМНЕ ги повлекле поднесени 548 амандмани за законот. Но, пратениците од оваа опозициска партија побараа за законот да се одржи јавна расправа на која ќе се повикаат сите релевантни чинители и да биде изграден заеднички став дали предлозите се сериозни и може да се предложат амандмани. Предлогот не беше ставен на гласање бидејќи процедуралната можност за тоа, како што објасни Талевски, е исцрпена.

Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски рече дека на крајот на минатата недела добиле одредени амандмани од СДСМ и АА и Алтернатива но оти не било побарано нивна вклученост во усогласување на овие амандмани.

-Единствено што ни останува е да се повикуваме на пишани документи. Апелирам до вас како претседател да дадете куса пауза да се договориме или да се даде јавна расправа, рече Мицевски додавајќи дека решенијата треба да бидат во рамки на европските стандарди.

Талевски појасни е дека ќе ги слушне сите процедурални забелешки а потоа ќе се договорат како ќе постапат.

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button