Правни експерти излегоа со став за ослободувањето на велешанката која си го уби партнерот

Ослободителната пресуда за Павлинка Илоска е очекувана. Вака оценуваат од Колацијата „Сите за правично судење“ кои го набљудуваа судскиот процес кој траеше еден ден, а се однесуваше на обвинетата велешанка на која ѝ се судеше за убиство. И тие како и велешкиот суд го затапуваат ставот дека кривичното дело било во одбрана.
„Сметам дека Обвинителството требаше по службена должност да заклучи дека станува збор за нужна одбрана и да ја прекине постапката, сепак одлуката да се оди на суд и судот да го констатира истото е сосема разбирлива“, вели Дарко Аврамовски, Коалиција „Сите за правично судење“.
Во велешкото обвинителство завчера стигнала пријава за заканите по животот кои ги добивала Илоска, по убиството на нејзиниот невенчан сопруг. Заканите таа тврди дека ѝ ги испраќал полицаец кој му бил колега на покојниот Александар Ристевски.
„Основното јавно обвинителство Велес презема дејствија за проверка на наводите изнесени во судска постапка за наводни закани“, наведоа од ОЈО Велес.
Според Коалицијата за фер судење, државата мора да ѝ обезбеди заштита на Илоска.
„Ова е добар случај каде што може да се направи пресврт во практиката и да прекинат да се игнорираат ваквите закани или заканите коишто се сторени како резултат на вршење на семејно насилство и државата да реагира навремено, како би се превенирале идни вавки случаи каде некое лице ќе мора во самоодбрана да одземе нечиј живот“, вели Дарко Аврамовски, коалиција „Сите за правично судење“.
Велешкиот суд вчера ја олсободи 23 – годишната Павлинка Илоска која лани во септември го уби невенчаниот сопруг. Според првостепената пресуда, таа го извршила убиството во момент на самоодбрана бидејќи при семејно насилство тој ѝ го загрозил животот.
Игор Стефановски