Празна точката оставена за Северна Македонија
Празна точката оставена за Северна Македонија

Останува празна точката оставена за Северна Македонија во нацрт-заклучоците од Самитот на ЕУ, што ќе се одржи на 23 и 24 јуни. Овој документ, кој ќе биде даден на расправа и одобрување на земјите-членки пред самитот, нема да биде целосен се додека прашањето меѓу Скопје и Софија останува нејасно. Нацрт-заклучоците се основниот документ што им се поднесува на лидерите и тој може да претрпи измени, зависно од исходот на политичките дебати на Самитот.
Делот за Северна Македонија, под точка 13, останува празен, со куса реченица: „преговори меѓу Бугарија и Северна Македонија“ и ништо повеќе.
МИА јавува дека нацрт-Заклучоците од Самитот на Европскиот совет се однесуваат на идејата на претседателот Макрон за „европска политичка заедница“ со земјите-членки, земјите партнери на истокот и земјите од Западен Балкан.
„Целта е да се поттикне политичкиот дијалог и соработка за решавање на прашања од заеднички интерес со цел да се зголеми безбедноста, стабилноста и просперитетот на европскиот континент“, се наведува во заклучоците од јунскиот самит.
Во нацрт документ се наведува дека оваа „рамка“ нема да ги замени постоечките инструменти на ЕУ, вклучително и проширувањето.
На истиот датум, 23 јуни, пред почетокот на самитот на Европскиот совет, ЕУ планира да се сретне со лидерите на земјите од Западен Балкан за да разговара за иднината на регионот.
Нацрт-заклучоците се очекува да бидат допрецизирани, бидејќи два дена пред самитот на Европскиот совет, министрите за надворешни работи на земјите членки, денеска и утре во Луксембург, на Советот за општи работи ќе зборуваат за проширувањето, пред се за иднината на кандидатурите на Украина, Молдавија и Грузија, но и за перспективата на Западен Балкан./Alsat.mk
Фатлуме Дервиши