Предизборни калкулации – ВМРО одлучува дали во Карпош да го поддржи Стевчо Јакимовски

Како се доближува крајниот рок за предлагање кандидати за градоначалници и листи на кандидати за советници, ВМРО-ДПМНЕ сè уште спроведува анкети за пет општини. Опозицијата нема номинирано кандидати за Струмица, Битола, Аеродром, Шуто Оризари и Карпош. Во Карпош, партијата на Христијан Мицкоски може да го поддржи претседателот на ГРОМ Стевчо Јакимовски. Мицкоски во интервју за 24Вести изјави дека за таква одлука ќе се чека состанокот на Извршниот комитет утре.
Во меѓувреме, претседателот на ДУИ, Али Ахмети смета дека кандидатурата на Фатмир Дехари и Фатмир Лимани во Кичево нема да го подели гласот на Албанците. ДУИ ги официјализираше имињата на кандидатите за сите општини, освен за Долнени.
„За тоа ќе одлучуваат граѓаните. Фатмир Дехари е кандидат од ДУИ додека Фатмир Лимани е независен и граѓаните одлучуваат на 17 октомври. За одлуката Дехари да биде кандидат за друг мандат, спроведени се анкети и тој има исклучително голема поддршка од граѓаните“, рече Ахмети.
Во наредните денови, СДСМ ќе одлучи за општините во кои нема кандидат, вклучително и Кичево, додека албанската опозиција Алијанса и Алтернатива во наредните денови ќе ги определат кандидатите за Сарај и Студеничани. Крајниот рок за поднесување кандидатури и листи за советници е 11 септември.
Адриан Керими