ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Предлог во процедура – напад врз новинар, како напад врз службено лице

Измените на Кривичниот законик во кои е вклучено и казнувањето за напад врз новинари и медиумски работници, како да е напад врз службено лице, се во собраниска процедура, но никој не знае кога ќе бидат усвоени. Од Собранието појаснуваат дека предлог-измените на Кривичниот законик се дел од 51 пленарна седница, каде што има и точки за кои политичките партии имаат несогласувања. Алсат ги праша координаторите на двете најголеми пратенички групи, СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, меѓутоа ниту една од нив не потврди дали има или не консензус за измените, ниту дали имаат забелешки за кои ќе биде потребно да се интервенира со амандмани.

Од Здружението на новинарите на Македонија, кои беа консултирани при изготвувањето на предлог-измените од страна на Министерството за правда, објаснуваат дека имале средба со претседателот на Собранието, Талат Џафери, на која им било кажано дека измените ќе бидат ставени на дневен ред. ЗНМ сепак, не добило потврда дали промените ќе се направат пред или по изборите. Собранието се очекува да ја прекине својата работа за време на изборната кампања, која стартува на 27 септември. Седница ќе има само доколку има вонредни ситуации.

Министерот за правда Бојан Маричиќ за овие предлог-измени во Кривичниот законик информираше во јули. За нив тогаш рече дека ќе обезбедат поголема заштита за медиумските работници и ги намалуваат казните за новинарите и медиумите за клевета и навреди. Предложените измени во Кривичниот законик, исто така, обезбедуваат поголема заштита за жените бидејќи Кодексот се усогласува со Истанбулската конвенција и се предвидува жените да бидат заштитени од напади, следење и вознемирување на интернет.

Фатлуме Дервиши

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button