Предлог-законот за спречување на нелојалната трговија со храна го помина првото читање

Предлог-законот за спречување на нелојалната трговија со храна и земјоделски производи помина на прво читање во Собранието. Во матичната комисија поточно Комисијата за европски прашања се водеше жестока расправа бидејќи Министерството за економија го предложи со европско знаменце. Заменик министерот за економија Зоран Маневски рече дека со овој закон се очекува да се стави крај на злоупотребите во трговскиот синџир, кои граѓаните најмногу ги трпат од продажбата на мало со повисоки цени од реалните.
Сепак, предлогот наиде на бројни приговори од опозициската ВМРО-ДПМНЕ. Антонио Милошоски рече дека овој закон доцни затоа што во 5-те најтешки години од пандемијата и економската криза по Ковид, граѓаните имале високи трошоци поради двоцифрената инфлација. Тој ја обвини владата дека не интервенирала навреме, а земјите од ЕУ уште од 2019 година донеле одлука за спречување на нелојалната трговија.
Според критиките на пратениците во матичната комисија, со новиот закон се регулираат односите меѓу трговците и добавувачите, но не се штити интересот на локалните производители и не се прецизираат откупните цени за потрошувачите.
Со новиот закон се зајакнуваат ингеренциите на Комисијата за заштита на конкуренцијата, орган кој за 6 месеци по стапувањето во сила на овој закон мора да ги усогласи одредбите и да изврши увид на терен. Во периодот кога инфлацијата беше двоцифрена, цените на основните прехранбени производи и другите ставки за дневна потрошувачка достигнаа профитна маржа и до 30-40% .
Со новиот закон профитната маржа е ограничена на не повеќе од 10%, што се очекува да ги стабилизира малопродажните цени за доброто на граѓаните. По минувањето на сите филтри во собранието, законот се очекува да биде изгласан во март.
Аднан Ќаили