Преку мирен протест повисоки плати побараа и вработените кај Народниот правобранител

Вработените во институцијата Народен правобранител започнуваат со мирен протест, но граѓаните и во овој период ќе можат да реагираат на неправилностите и повредата на нивните права.
Државниот советник на Народниот правобранител и претседател на синдикалната организација при НП, Марјан Поњавиќ, во изјава за медиумите побара без одложување да се зголемат платите на вработените во Народниот правобранител, бидејќи како што рече, нивните месечни примања во моментов заостануваат многу зад платите на останатите независни регулаторни тела, како и на вработените во администрацијата воопшто.
„Имено, во контекст на ова наше барање би сакал да ве информирам дека при основање на НП во 1998 година, платите на стручната служба биле со еднаков коефициент на ранг на судиите на Основен суд, што значи дека државата во минатото имала повеќе сенс за значењето на оваа институција како заштитник на правата на граѓаните“, изјави Поњавиќ.