ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Премиерот и албанските партии во кавга за вработувањето (не)резиденти

Премиерот Димитар Ковачевски вели дека балансерот како механизам за регулирање на правичната и соодветна застапеност на етничките заедници во државните институции треба да се заснова на бројот на резидентно население. Според него, се вршат вработувања на граѓани кои живеат во државава и по тој принцип треба да се уредува државната управна структура.

Но, коалиционите партнери на СДСМ се против ова. Од ДУИ оценуваат дека застапеноста се повикува на пописот исто како и во 2002 година.

„Политиките утврдени во Уставот и Охридскиот договор се однесуваат на општото население во државата, исто како и по пописот во 2002 година кога Албанците беа 25,17% од вкупното население, исто и сега по минатогодишниот попис каде Албанците претставуваат 29,5% од вкупното население на земјата“, наведуваат од ДУИ.

Алтернатива бара толкувањето на балансерот да се заснова според Уставот и законите.

„Сметаме дека треба да се заснова на вкупниот број на жители на нашата земја бидејќи нашите граѓани нерезиденти се третираат како граѓани со привремен престој во странство и една од главните причини поради кои тие се надвор е токму немањето на работни места“, велат од Алтернатива.

Албанската опозиција смета дека изјавата на Ковачевски е доказ оти Владата работи на иселување на граѓаните од државава. Од Движењето Беса оценуваат дека секој ден сè повеќе се потврдуваат ннивните сомнежи дека пописот бил политички пазар.

„Изјавата на Ковачевски е уште еден доказ за пристапот на владејачките партии да ги исклучат граѓаните од сите процеси. Ова докажува дека оваа власт со погрешни политики избрка од државата повеќе од 10 отсто од населението и сега не сака да слушне за овие граѓани кои сè што заработуваат таму го враќаат во својата татковина“, рекоа од БЕСА.

Алијансата за Албанците оценува дека изјавата на премиерот ги открива вистинските причини поради кои населението било поделено на резиденти и нерезиденти.

„Ковачевски го потврдува она на што предупредувавме од почетокот за манипулација со пописот. Тој денеска ги открива вистинските причини зошто населението е поделено на резидентно и нерезидентно, зошто се забави еланот на дијаспората и се воведоа ‘импутираните’. Онои кои преку дискриминација го зголемија иселувањето на Албанците, сега го користат иселувањето за дискриминација“, наведуваат од Алијанса.

Балансерот е механизам за регулирање на правичната и соодветна застапеност во институциите на државно и локално ниво. Тој неколку пати досега беше манипулиран преку лажни изјави на граѓани за нивната етничка припадност.

Адријан Керими

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button