ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Премиерска фотелја како морков за Мицкоски

ДУИ има нов услов за ВМРО-ДПМНЕ за да се откаже од власта во случај да се формира проширена влада за уставни измени како што бара Мицкоски. Од партијата на Ахмети велат дека прифаќаат уставните измени да стапат во сила на денот на втората меѓувладина конференција и истиот ден да ја напуштат власта, но имаат услов како трета точка од планот, што го обелодени партискиот портпарол Бујар Османи.

Advertisements

„Имаме само еден услов, доколку се прифати овој план, а тоа е третата точка, која утре мора да почне, а тоа е истрага за политичките партии, почнувајќи од претседателите до членовите на претседателствата и сите други носители на јавни функции со учество на меѓународни експерти со цел да се има објективност и непристрасност во текот на процесот за да им се стави крај на партиските злоупотреби и обвинувањата на политичките партии за криминал“, рече Османи.

Со или без Мицкоски, Османи вели дека уставните измени ќе се направат, но не го појасни планот Б, во случај опозициската партија да не ги прифати условите на власта и не гласа за.

Инаку, ДУИ е подготвена да се откаже од ветувањето за прв премиер Албанец.

„Столбот на секоја кампања е да ги запознае луѓето со Владата. Ја ослободуваме Владата со сите позиции, со сите министерства, со сите дирекции. Премиер е позиција. Ние сега за прашањето на ЕУ, за европската иднина, свесни за шансата, свесни за последиците, подготвени сме да ги направиме овие компромиси и да им дадеме до знаење дека ова сега не е прашање на позиции, туку е прашање на иднината на луѓето“, рече Османи.

Извори од Владата коментираат дека премиерот Димитар Ковачевски е подготвен да му ја понуди премиерска функција на Мицкоски во замена за гласање за промена на Уставот.

Ковачевски смета дека треба да остане на премиерската позиција и да го спроведе процесот на уставни измени до крај, но во интерес на евроинтеграциите би се согласил на Мицкоски да му понуди премиерско место во продолжената привремена влада, покрај петте министерски места што ги спомна претходно.

Фатлуме Дервиши

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button