ВЕСТИМАКЕДОНИЈА
Притвор за лицето кое ја запали колата на пратеникот

Осумдневен притвор заработи лицето кое вчера полицијата го приведе во врска со опожарувањето на возилото на прилепскиот пратеник Петар Ристески. Меѓутоа, притворот е за друго дело кое го сторил на распитот во полициската станица. Упатени извори за „360 Степени“ тврдат дека приведениот го искршил својот мобилен телефон кога му бил побаран од полициски службеник. Поради тоа, во скратена постапка, ќе му се суди за сторено кривично дело спречување службено лице при вршење на службено дејство.
Во меѓувреме, задржано е уште едно лице за кое истражителите веруваат дека има информации околу палењето на автомобилот. Меѓутоа, ниту едниот ниту другиот сѐ уште не се водат за осомничени, односно не им е поднесена кривична пријава.
Од Јавното обвинителство велат дека денеска се обезбедуваат и ќе се прегледуваат видео снимките од надзорните камери, а ќе се вештачат и другите докази за да се утврди дали првото лице е поврзано со палењето на автомобилот.