ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Прегреан продолжен кабел е најверојатна причината за пожарот во тетовската модуларна болница

Пожарот во модуларната болница во Тетово каде изгореа 14 лица најверојатно избил од продолжен кабел. На него биле вклучени дефибрилатор, полнач за мобилен телефон и уште еден апарат. Ова го покажува извештајот на крим – техника при МВР, кој беше доставен до тетовското обвинителство. Обвинителството соопшти дека кабелот се прегреал и се запалила приклучната кутија на продолжниот кабел.

Advertisements

„Пожарот настанал како последица од електрична куса врска преку висок преоден отпор во приклучниот кабел на дефибрилатор со кој се вршела реанимација на пациент во една од болничките соби. Прегревањето на кабелот предизвикало палење во приклучната кутија од продолжителниот кабел на кој бил приклучен дефибрилаторот, полнач за мобилен телефон и уште еден апарат“, наведуваат од Јавното обвинителство.

Иако медицинскиот персонал се обидел да го изгаси огнот, сепак тој за кусо време се проширил низ цела модуларна болница. Огнот се проширил и на кровните панели, преку кои дошол до панелните ѕидови и до болничкиот инвентар.

„Со оглед на тоа што сите хоспитализирани пациенти биле приклучени на централниот довод за кислородна поддршка, а со тоа и процентуалното присуство на кислород во целиот болнички простор било зголемено, како и поради настанато оштетување на кислородната инсталација во текот на пожарот, огнот се проширил по целиот објект за многу краток временски период. Кон ова придонел и фактот што во поткровниот простор на објектот не постојат прегради помеѓу модулите/просториите и кон ходникот кои би го забавиле пренесувањето на огнот“, додаваат од Обвинителството.

Премиерот Зоран Заев на прес – конференција беше затечен од извештајот за пожарот. Заев изјави дека го нема прочитано, а откако ќе го разгледа, најверојатно утре ќе се произнесе со став за евентуално прифаќање на оставките на министерот за здравство Венко Филипче и неговиот заменик, Илир Хасани.

„Јас навистина првпат слушам дека извештајот е објавен. Веројатно веќе сме биле на прес – конференција додека тој е објавен, односно овде во просториите. Прво што сакам да реагирам, благодарност до институциите што ги објавуваат извештаите, затоа што навистина граѓаните чекаа. Тоа е најважното. Самите извештаи мора да бидат како што рековме секојпат, професионално, навремено завршени и секоја информација дополнително што дава одговор на нашиот народ, на семејствата, за загубените човечки животи, за загинатите наши сограѓани… е респонзивност на институциите“, рече премиерот Заев.

Извештајот за тоа од што избувнал пожарот е првиот што го доби тетовското обвинителство по побараните вештачења. Се чекаат и извештаите и од други надлежни институции. Свој извештај до Обвинителството треба да испрати и Градежниот институт од каде подигнаа примероци од опожарениот градежен материјал, како од подот, таванот, ѕидовите, прозорците, вратите, изолацијата… Се очекува и вештачењето на германските експерти од Федералната криминалистика.

Обвинителството соопшти дека интензивно постапува по предметот и дека преземаат дејствија за целосно расчистување на настанот. Пред речиси еден месец, ноќта на 8 септември, пожарот во тетовската модуларна болница за помалку од пет минути ја пеплоса цела импровизирана болница. Во пожарот животот го загубија 14 лица.

Игор Стефановски

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button