ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Продолжува кампањата за претседателските избори

На митингот во Крушево од СДСМ истакнаа дека вистинскиот социјалдемократски глас е глас за СДСМ. Тие потсетија на дел од социјалните мерки кои, како што велат, биле реализирани и покрај блокадите од опозицијата.

„Дали е грешка што сега имаме минимална плата од 22.500 денари? Дали е грешка што за 300% ја зголемивме социјалната помош… што од 2017 година до денес имаме изградено 84 градинки, што го направивме одржлив пензискиот фонд?“, рече Бисера Костадиновска Стојчевска – СДСМ.

Од коалицијата ВЛЕН истакнаа дека имаат практична и прагматична програма, со визија за граѓаните. Тие денеска негодуваа на отворањето обложувалници и казина во скопската чаршија.

„Во оваа зграда пред неколку години ги сместивме дисперзираните студии на Тетовскиот универзитет. Студентите тука и студентскиот дух го вратија духот на Старата чаршија. Денеска може да констатираме дека чаршијата е многу фреквентна и за туристите и за нашите граѓани, но за жал, тука каде што беа студентите денеска има само кладилници и казино“, рече Изет Меџити – коалиција ВРЕДИ.

Драган Ковачки од ВМРО-ДПМНЕ повика граѓаните да дадат глас за промени и реформи. Тој најави 800 милиони евра директна помош за земјоделците и сточарите.

„800 милиони евра за навремени и зголемени субвенции. 5.5 милиони евра директна помош за општина Берово. Покрај ова планираме инфраструктурно да го развиваме овој крај. Ќе го реставрираме патот Берово – Струмица, ќе направиме реконструкција на патот Берово – Виница со можност за проширување со трета лента“, рече Ковачки.

Од ДУИ повикаа на мобилизација, бидејќи, како што велат, нивен главен противник на парламентарните избори е коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ.

„Во политичкиот натпревар меѓу Европскиот фронт и оние што не вредат, на 24 април, народото го даде мандатот и донесе пресуда. Треба од денеска до осми мај, колку што може повеќе да го засилиме гласот на фронтот наспроти ВМРО-ДПМНЕ“, рече Јетон Шаќири – ДУИ.

Од партијата „Демократи“ ветија засилување на градежната инспекција.

„Ќе донесеме закон да не може повеќе да се гради во населби кајшто има куќи. Може да се гради само еден или два спрата, најмногу до три спрата и исклучиво куќи за живеење. Исто така, ќе се бориме еднаш засекогаш да ја уништиме урбаната мафија“, рече Јорго Огненовски – партија „Демократи“.

Од Левица пак, побараа граѓаните да ја поддржат партијата, бидејќи, како што велат, тие се единствена неподмитлива опција во интерес на националните интереси.

„Потребно е сега да се гласа за Левица, за да продолжи борбата во Собрание. Ние заедно со претседателот Апасиев во последниве 4 години од нашиот мандат покажавме дека некои работи може да се сменат, дека пратениците може да не земаат патни трошоци, дека може да се борат за вистинските интереси на македонскиот народ и сега мораме да бидеме двоцифрен број за да ја продолжиме борбата“, рече Борислав Крмов – Левица.

Денеска од коалицијата „ЗНАМ – за наша Македонија“ најавија поддршка на туризмот, преку промоција на културните и природни богатства, со директно субвенционирање на проекти за афирмација на природното и културното наследство на Македонија, како и развивање на алтернативни облици на туризмот, обезбедување на развој на бањскиот и на медицинскиот туризам, како и субвенционирање на наменски авионски летови за туристички групи.

Лука Андреев

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button