Продолжува пописот, апел граѓаните масовно да се вклучат во процесот

Вториот ден од пописот го одбележаа помали технички проблеми, кои според Државниот завод за статистика успешно и брзо биле надминати. Властите оценија дека пописот стартувал успешно, и апелираа граѓаните да се вклучат во процесот, да ги дадат потребните податоци, со цел државата да може да спроведува политики согласно реалната слика и во нивен интерес и во интерес на економијата и развојот на државата. Апел за вклучување во пописот дојде и од Европската комисија која ги охрабри сите во Северна Македонија да учествуваат во процесот на попишување на населението и додаде дека пописот е дел од процесот за пристапување во ЕУ.
Државниот завод за статистика информира дека вчера во претпладневните часови се појавиле спорадични и локациски изолирани проблеми при процесот на попишување на населението на терен, оти тие се успешно остранети, како и дека не се должеле на паѓање на интеретот, туку најверојатно на поголемиот број сесии што се одвивале истовремено. Додека траеле техничките проблеми биле попишани речиси 10 илјади лица.