Продолжуваат судирите меѓу власта и опозицијата околу Законот за заштита од заразни болести

Лидерот на СДСМ, Зоран Заев од Дигиталниот конгрес, ја обвини ВМРО-ДПМНЕ дека намерно прави опструкции на штета на јавното здравство. Во јавноста преовладува мислењето дека на СДСМ и одговара Мицкоски да остане на чело на ВМРО-ДПМНЕ затоа што тоа е гарант за нови победи на партијата, но за државата е добро да има прогресивна опозиција, која нема да го кочи напредокот, нема да ја кочи интеграцијата во ЕУ, која ќе биде одговорна, а не деструктивна додаде Заев. Последен пример за ова според Заев е однесувањето на опозицијата кон законот за заштита на населението.
ВМРО-ДПМНЕ и денес побара оставка од министерот за здравство, Венко Филипче и формирање специјална комисија за заразни болести. Според партијата на Христијан Мицкоски, владата предводена од Заев се спротивставила на сите амандмани на опозицијата во ребалансот на буџетот, што според нив го оневозможува ефикасното справување со пандемијата.
„Целиот хаос во болниците и стравот на граѓаните е поради неспособноста и авторитарниот пристап на Комисијата за заразни болести и Венко Филипче. Поради оваа причина, Филипче мора да поднесе оставка и да се формира нова специјална комисија. Сè друго е манипулација со граѓаните и на нивна штета”, оценија од ВМРО-ДПМНЕ
Во вторник, измените на Законот за заштита на населението се очекува да бидат на пленарна седница. Македонската опозиција вели дека нема да го блокира законот но ќе гласа воздржано. Со последните измени, Владата бара задолжително носење маски и на отворен простор, ограничување на собирите по 22 часот и забрана за семејни собири.
Адриан Керими