
Се зголемува бројот на случаи на кои им е потребна медицинска помош поради пролетните алергии. Институтот за белодробни заболувања „Козле“ во Скопје дневно прима повеќе од 100 случаи. Голем е бројот и на оние кои мора да бидат задржани за понатамошен медицински третман. Сезонските алергии често предизвикуваат здравствени компликации, па лекарите апелираат да се оди на контрола веднаш штом се забележат симптоми како што се посериозно кашлање, кивање или солзење на очите.
„Треба да има редовни прегледи. Кај малите деца компликации се бронхитис, ларингитис, но кај постарите деца ако овие симптоми се занемарени и не доаѓаат на редовни контроли, тогаш може да се случи неповратно оштетување на белите дробови. Алергиите се наследни, родителите кои имаат алергија и нивните деца имаат алергија, тоа се пренесува. Алергиите се од раѓање и се манифестираат“, вели Љуљета Мустафа Рамадани, Институт за белодробни заболувања Козле.
Матичните лекари велат дека пациентите често ги мешаат симптомите на грип со оние на сезонските алергии и затоа не бараат медицинска помош.
„Имаме пролетни или сезонски алергии кои се проследени со кивање, кашлање, течење на носот, тешкотии во дишењето и се збунуваме бидејќи симптомите на алергија, настинка, вируси се речиси исти со кашлање. Но, едно да ни е јасно: сезоната на сезонски вируси зочнува на почетокот на јануари и завршува на крајот на април или почетокот на мај. После 1 мај не постои сезонски грип“, рече Седат Љумани, педијатар.
Официјалните податоци покажуваат дека во Македонија, како и во светот е зголемен бројот на луѓе кои страдаат од некаква алергија. Кај нас секој четврти граѓанин има алергиски ринитис. Тоа е е воспаление на слузницата на носот кое се јавува како последица на прекумерна реакција на имунолошкиот систем на алергените од воздухот. Лекарите велат дека не постои одредена возраст на која може да се појават алергии, но пролетните најчесто ги напаѓаат тинејџерите. Статистиката покажува дека секој барем еднаш во животот имал некаква алергиска манифестација.
Вјолца Алити