Пропадна обидот за пуч во ИВЗ

Исламската верска заедница и понатаму негира дека постоел било каков обид за преврат во оваа верска институција и покрај фактот што беа направени итни разрешувања и нови именувања на членови на Ријасетот на ИВЗ. Поглаварот Шаќир Фетаху излезе со децидни одлуки и веднаш беа направени нови назначувања. Директорот на Агенцијата за Халал систем, Мухамер Весели е заменет со Дритон Дикена.
Позицијата на Јусуф Зимери во Секторот за верски и образовни прашања во ИВЗ од денеска ја презема Фејзула Садику. Ибрахим Идризи повеќе не е директор на Иса беговата Медреса. На негово место е назначен Ислам Ислами. Сè уште не е назначена замена за Мустафа Даути, директор за надворешна комуникација и за Реџеп Зибери, директор на здружението „Илмие“. Од ИВЗ велат дека се работи за систематизација на работните места.
„Муслиманските верници не треба да се грижат за овие кадровски промени во Ријасетот. Се обидуваме да избереме нови кадри кои ќе бидат повеќе кооперативни во хиерархијата. Не станува збор за никаква контрареакција како што се зборува во јавноста, односно за таканаречен пуч ротив Реисот Шаќир Фетаху“, наведуваат од ИВЗ.
Иако Алсат комуницираше со дел од разрешените, никој не сакаше да зборува пред камера. Телефонски негираа дека биле вмешани во сомнителни случаи на финансиска злоупотреба на парите од аџилакот и од Халал сертификатите. Неофицијално, овие две индикации не се единствените причини поради кои беше донесена одлуката од Реисот Фетаху пред да открие дека некој се подготвува да го тргне од позицијата во Исламската верска заедница.
Од ИВЗ велат верниците треба да бидат смирени за да не му се наштети на организирањето на аџилакот и на претстојниот празник Курбан Бајрам. Оваа година патувањето на аџилак од Македонија чини 6.550 евра и е меѓу најскапите во регионот.
Аднан Ќаили