Протест„стоп за сообраќајното насилство“ во Неготино
Протест„стоп за сообраќајното насилство“ во Неготино

Протестен марш денеска се одржа во Неготино на кој граѓаните бараат правда за 22-годишпната Фросина Кулакова која беше прегазена на пешачки премин на булеварот Партизански одреди од страна на 20-годишниот Васил Јованов кој со своето возило управуваше во алкохолизирана состојба и без возачка дозвола. Под мотото „Стоп за сообраќајното насилство“, граѓани, роднини и пријатели на Фросина попладнево се собраа на плоштадот во нејзиниот роден град Неготино и побараа најстрога казна за Јованов. Родителите на Фросина и нејзината сестра со солзи во очите запалија свеќи на плоштадот уште еднаш збогувајќи се од својата ќерка.
На протестот присутни беа и голем број на пријатели на Фросина, но и роднини на други жртви во сообраќајот кои со години се во неизвесност во судниците и очекуваат судот да ги казни виновниците. Покрај Неготинци, на денешниот протест имаше и граѓани од повеќе други градови од земјава, како и од главниот град, од каде имаше организиран превоз. Покрај во Неготино пак, досега протестни маршови по смртта на Фросина претходно се одржаа и во Кавадарци, а беа организирани и два поголеми протести во Скопје. Под мотото „Секој еден може да е следен“, средношколци, студенти и повеќе граѓани се обединија на социјалните мрежи и најавија уште еден голем протест во главниот град за 16 февруари. Граѓаните бараат построги казни за сообраќајните прекршоци, а токму за таа цел утре во Скопје се организира и уличен форум, на кој ќе се даваат предлози како да се зголеми безбедноста на улиците во земјава, пред се во главниот град. Во меѓувреме, по смртта на Фросина, вчера во собранието се одржа и јавна расправа за законски измени со цел поголема безбедност во сообраќајот, на која беа присутни и минситерот за внатрешни работи и министерот за правда, кои истакнаа дека треба да се прошири листата на кривична дела против безбедноста во сообраќајот.