ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Протести во Велес за наставата на албански јазик

Протести во Велес за наставата на албански јазик

Со одлука на Државниот просветен инспекторат учениците Албанци од Велес кои успеале да соберат 50 бода за упис во средно образование, односно 22-ца, ќе бидат примени во гимназијата „Кочо Рацин“. Останатите 16 кои имаат под 50 бода ќе бидат запишани во средното економско училиште во тој град. И покрај ова, родителите и учениците кои со денови протестираат остануваат на ставот дека во гимназијата треба да бидат запишани сите ученици кои поднеле документи без разлика на нивните бодови.

„Зошто да одат во Тетово, Гостивар или Скопје кога училиштето е тука? Зошто да одат до таму, да се прават трошоци за џабе, тука е блиску и детето навечер доаѓа дома, за добро или лошо го гледаш детето до тебе, контактираш со него, зборуваш што се случило, што не се случило. До крај ќе одиме. Тука мора да има настава“.

„Нема причина зошто да не ги прифатат, ова е дискриминација, не дека ги немале поените, туку не сакаат да има две паралелки на албански. Министрите за образование треба да преземат мерки. Што можеме ние како родители? Треба албанските партии“.

Учениците објаснуваат дека вчера биле принудени од, како што велат, раководството на училиштето да ја напуштат наставата и да потпишат на хартија дека се согласуваат да се одјават од гимназијата „Кочо Рацин“. Велат дека такво нешто било направено против нивна волја и без знаење на родителите. Велат дека потпишувањето на писмото било направено додека биле на час и немале простор да контактираат со родителите. Учениците дури велат дека добиле закани во училиште со зборовите
„земете ги документите или ќе ги запалиме“, но без да прецизираат кој им ја упатил заканата.

„Ни рекоа: Или ќе потпишете или ќе ги запалиме свидетелствата. Дали е вистина дека со полиција ве истераа од училиштето? Да. Дали имаше насилство врз вас кога ве бркаа? Да, имаше, кога обезбедувањето една жена, не знам што, нè протера и ни рече не може тука да бидете и заминавме“.

Наставниците и учениците од другите години од ова училиште велат дека во Велес е многу тешко да се биде ученик Албанец, бидејќи наставата речиси секогаш се одвива на македонски.

„Пет предмети се на албански јазик, а другите се на македонски. Да, имам проблем бидејќи не знам толку добро македонски“.

„Има ученици Албанци кои не знаат добро да зборуваат. Тие наместо да поминат со двојка или тројка, ги игнорираат и им стават лоши оценки, а Македонците поминуваат“.

Професоре, како е да се биде ученик Албанец во гимназијата во Велес?
„Да се биде ученик Албанец во оваа гимназија е тешко бидејќи учениците како прво се дискриминираат од страна на институциите со што не им обезбедуваат наставници на албански јазик. На албански јазик се предаваат само математика, географија, хемија и албански јазик. Дали сте побарале од институциите да се зголеми бројот на професори? Да, секогаш, секоја година апелираме да се зголеми бројот на професори Албанци, но досега нема никаков резултат од сето тоа, од сите барања. Што ви велат институциите?
Секогаш велат дека ќе се среди, но не е направено ништо“.

Протестот на учениците и родителите беше проследен со присуство на припадници на МВР.

„Не знам зошто целото ова обезбедување. Кој го загрозува училиштето? Никој тука не бара насилство освен универзалното право за образование, тоа што се гарантира со закон и устав. Од една страна имаме закон кој нè принудува да се школуваме, а од друга страна имаме затворени врати за да немаме каде да се обратиме“.

По одлуката на Инспекторатот, останува нејасно дали во гимназијата „Кочо Рацин“ ќе функционира една или ќе има две паралелки со настава на албански јазик.

Мелихате Рустеми

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button