Прва средба на работната група за Бугарите во Уставот

Работната група која ќе го крои текстот за уставните измени денеска за првпат се состана, во објектот на Владата. Дел од членовите, кои се експерти по уставната материја поканети од страна на Министерството за правда, велат дека заседавале и вчера, но без претставниците на политичките партии. Апелираа нивната работа да не се политизира.
„Вчера имавме конститутивна работна седница на група на експерти. Ги утврдивме начелните ставови и идејното решение за Деловникот за начинот на работа. Избравме претседател и потпретседател, а денеска имаме средба со другите претставници, односно политичкиот дел од нашата група и така ќе се утврди една нова агенда“, рече Сали Мурати, член на работната група.
„Партиите си имаат свои агенди на партиско делување, но експертската група е сосема нешто друго – има свој дел на обврски, односно да ги изложи аргументите за евентуални потреби за измени“, рече Бајрам Положани, член на работната група.
На првиот ден од работата, претседателот Стево Пендаровски изрази задоволството што постапката започнала и додаде оти неговите ставови во групата ќе ги претставува советникот Александар Спасов.
„Со оглед на тоа што претпоставувам дека е обврска што сите ја знаеме и генералната јавност ја знае, тука многу работа нема, објективно нема… Не знам колку седници ќе им требаат, меѓутоа факт е дека добро што почнаа таа постапка и добро е што ќе се одвива пред очите на јавноста, нема тука никакви скриени агенди“, рече Пендаровски.
Во групата нема претставник на ниту една опозициска парламентарна партија. Од ВМРО-ДПМНЕ денеска повторија дека работната група нема кредибилитет и треба да се распушти. Оттаму велат дека вистинските експерти не сакале да бидат дел од, како што го нарекоа, циркусот на власта.
Лука Андреев