Растат тензиите во БиХ пред пресудата за Милорад Додик

Босна и Херцеговина го исчекува објавувањето на пресудата оваа седмица од судскиот процсез на политичкиот лидер на босанските Срби, Милорад Додик, кој ветува „одговор“ и предизвикува страв од ескалација три децении по војната.
На претседателот на Република Српска му се суди од февруари 2024 година затоа што не постапил по одлуката на високиот меѓународен претставник Кристијан Шмит, одговорен за почитување на мировниот договор.
„Вашата пресуда ќе ја одреди иднината на Босна и Херцеговина“, го предупреди Додик судијата на Судот на Босна и Херцеговина во Сараево на крајот од судењето минатата недела. „Оваа пресуда може (…) да ѝ зададе смртен удар“ на БиХ, им рече тој на новинарите додека го напушташе судот.
Обвинителството побара казна „поблиску до максимум“, поточно пет години затвор за ова кривично дело, заедно со десетгодишна забрана за вршење јавна функција. Обвинетиот има право на жалба.
Милорад Додик го отфрла „политичкото судење“ и тврди дека тоа е „продолжение“ на американските санкции, под кои се наоѓа од 2017 година поради неговата сепаратистичка политика, со цел да го „елиминира од политичкиот живот“.
Додик, инаку, не го признава легимитетот на Шмит бидејќи е именуван без редовната дискусија во Советот за безбедност при Обединетите нации, за што има поддршка од Русија и Кина како постојани членки на Советот.
Во пресрет на пресудата, објавена за среда, институциите во Бања Лука се ставени во состојба на готовност, за да бидат „подготвени“ за одлуката.
„Ситуацијата е доволно напната што може да ескалира (…), но во моментов не очекувам физички конфликт“, изјави за AFP Милош Шолаја, професор на Факултетот за политички науки во Бања Лука.
Милорад Додик најави дека пресудата ќе биде „отфрлена“ доколку биде прогласен за виновен и дека Република Српска ќе почне да се повлекува од голем број централни државни институции во земјата поделени на српски и хрватско-бошњачки ентитет.