ВЕСТИМАКЕДОНИЈАРЕГИОН

Рестарт на идејата за побрз влез на Западниот Балкан во ЕУ

Германскиот канцелар Олаф Шолц го рестартира Берлинскиот процес, посветен на забрзана ЕУ-интеграција на шесте земји од Западен Балкан. Покрај постојните иницијативи за инфраструктурна поврзаност и економска соработка, овојпат во Берлин на маса ќе бидат поставени и темите за енергетска сигурност и солидарност. Дипломатката од германското МНР, Сузан Шутц, во последното интервју за „Дојче веле“ вели дека овој процес има за цел да ја одржи европерспективата жива.

„Многу сме среќни што на 19 јули Албанија и Северна Македонија ги започнаа преговорите за пристапување во ЕУ. Ова е навистина пресвртница на нивниот пат да станат членки на ЕУ. Тоа беше важен сигнал и за остатокот од регионот дека процесот на проширување на ЕУ е сè уште жив и дека ветувањето што им беше дадено на сите шест земји од Западен Балкан да станат членки на ЕУ е реалност“, наведува Шутц.

Шутц вели дека Берлинскиот процес е катализатор за побрза интеграција во Унијата и е важно што ги вклучува сите шест држави од регионот, за разлика од Отворен Балкан.

„Отворен Балкан досега е иницијатива која функционира меѓу три земји и ние остануваме на тоа дека инклузивноста на процесот е важна; не треба да има дуплирање, туку треба да оди рака под рака. Исто така, многу е важно сите договори кои се финализираат во рамките на Отворен Балкан да бидат во согласност со правото на ЕУ“, наведува Шутц.

Уште утре министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски во Берлин ќе се сретне со колегите од регионот и Европа, каде ќе разговара за миграцијата, организираниот криминал и корупцијата. Во петок пак, шефот на дипломатијата Бујар Османи со останатите министри од регионот, меѓу кои и бугарскиот Никола Милков, ќе зборува за помирување. Наредната недела се предвидени средби за енергетиката, а самитот завршува со средбата на шефови на држави и Влади на трети ноември. Македонската делегација се очекува да ја предводи премиерот Ковачевски.

Лука Андреев

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button