МАКЕДОНИЈА

Русковска: Ќе се отфрли пријавата од Милошоски против Заев

Обвинителството нема да отвори истрага за аудио разговорот кој го објави пратеникот на ВМРО ДПМНЕ Антонијо Милошоски а за кој пратеникот тврдеше дека се слуша гласот на Заев. На снимката која Милошоски ја пушти на собраниската говорница, Заев со друг соговорник разговара за финанисирањето на 1тв на Бојан Јовановски. Разговорот се вештачел во МВР рече обвинителката Русковска во емисијата 360 степени на Алсат.

„Од тоа што успеав да го прочитам од тие анализи е дека се работи за повеќе разговори, кои се прекинати, па додадени делови од други разговори. – Лепени, сечени би рекле? – Не сакав така да се изразам. – Но, тоа е политичката терминологија кај нас. – Да, така што ќе се донесе резолуција за отфрлање на тие пријави“, рече Русковска.

Лидерот на ВМРО ДПМНЕ, Мицкоски, очекувал Русковска по емисијата да поднесе неотповиклива оставка бидејќи соопштила дека пријавата е отфрлена пред да биде донесена одлуката. Според Мицкоски, со отфрлањето на пријавата Русковска покажува дека соработува со Заев, а нејзината постапки ги оцени како  оние на Катица Јанева. Мицкоски иронично констатираше дека за слични материјали кои биле сечени и лепени денес се водат судски постапки.

„Но, јас колку што се сеќавам такви сечени, лепени материјали беа други исто така материјали по коишто се постапува сега и дел од тие луѓе се осудени и се наоѓаат на отслужување на затворска казна. Така што на вагата имаме две работи коишто се немерливи. Едната кога се однесува за Зоран Заев сè што е сечено, лепено, не важи. А, за други случаи каде што имаме исто така докажани сечени, лепени материјали, важи. Е, тоа така не може да биде“, рече Мицкоски.

Милошоски не одговори на повиците на Алсат за да ја коментира одлуката на Обвинителството. Кога во февруари ја поднесе пријавата, тој изјави дека очекува Обвинителството да го повика Заев да одговори на сите дилеми во врска со разговорот.

Игор Стефановски

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button