САД го олеснуваат дијалогот Скопје – Софија

Вашингтон го олеснува дијалогот Скопје-Софија. Нед Прајс, портпаролот на Стејт Департментот, во изјава за МИА вели дека САД на билатерална основа разговараат со Бугарија и Македонија, со цел што поскоро решавање на спорот и започнување на преговорите за членство на Брисел со Скопје и Тирана.
„Но, нема да откривам детали за тие разговори… Двете земји ги сработија основните задачи и сметаме дека време е да продолжат заедно во следната фаза од долгиот и полн со предизвици процес на пристапување“, рече Прајс.
Според Прајс, Преспанскиот договор покажал дека земјите од Западен Балкан се способни да дојдат до компромиси и да донесат тешки одлуки. Тој е убеден дека Софија и Скопје ќе можат да го сторат истото.
Портпаролот на Стејт департментот откри и дека прашањето за отпочнувањето на преговорите била тема на разговор меѓу државниот секретар на САД, Ентони Блинкен и францускиот министер за надворешни работи Жан Ив ле Дријан, кои укажале на забрзување на процесот.
Во меѓувреме, додека надежите за почеток на преговорите се вперени до јунскиот самит за време на француското евро-претседателство, властите во Македонија и Бугарија не откриваат како течат разговорите за отворените политички прашања.
На последната средба Ковачевски-Петков, во Александруполис, воопшто и не станало збор за спорот.
„Немаше билатерални средби, се работеше за отпочнување на работите на ЛНГ-терминалот. Таму беше премиерот на Бугарија, нормално ние се видовме, но тоа беше протоколарна средба, во рамки на отпочнувањето на работите“, рече Ковачевски.
Последно, разговорите закочија на прашањето за внесот на Бугарите во Уставот. Софија инсистира тоа да се случи пред почетокот на преговорите или пред отворањето на првиот кластер, додека пак Скопје настојува тоа да се случи пред самото зачленување во Унијата. Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ веќе истакнаа дека даваат поддршка за уставните измени кои се носат со двотретинско мнозинство, но ако бугарскиот Парламент претходно потврди дека ова е последно бугарско барање и нема да го блокира текот на преговорите.
Лука Андреев