Најавената мерка за воведување на т.н. новогодишна кошничка е уште една во низата манипулации на Владата на ВМРО-ДПМНЕ, реагираат од опозицискиот СДСМ. Оттаму додаваат дека новогодишната, исто како и есенската кошничка, нема да донесе намалени цени на производите.
„Со истите празни ветувања, власта се обидува да ги прикрие своите неуспеси да го заштити стандардот на граѓаните. Владата свесно остави простор на трговците да ги покачат цените на основните производи, за сега, со наводното намалување, граѓаните повторно да плаќаат исто или повеќе. Јајцата, кои неодамна чинеа 75 денари, сега се продаваат за 90 денари. Зејтинот поскапе од 82 на 89 денари, а цената на кашкавалот достигна речиси 500 денари за килограм – речиси 70 денари повеќе од претходно. Ова не е грижа за граѓаните, ова е свесна манипулација за заштита на интересите на трговците, додека народот едвај врзува крај со крај. Додека пензионерите, работниците и семејствата со минимални приходи се соочуваат со дилемата дали да купат храна, да платат сметки или лекови, функционерите на ВМРО-ДПМНЕ уживаат во удобноста на високи плати и луксуз“, се наведува во соопштението на СДСМ.