
Се менуваат правилата за влез во Хрватска и во Австрија за лицата што се вакцинирани против ковид-19.
Имено, сертификатот за вакцинација не треба да биде постар од девет месеци (270 дена), наместо досегашните седум (210 дена) при влез во Хрватска. Во спротивно, лицето ќе треба да приложи негативен резултат од ПЦР-тест, антигенски тест или доказ за прележан ковид-19 не постар од шест месеци. Ова правило било објавено на веб-страницата на хрватското министерство за внатрешни работи.
На списокот со вакцини што ги признава Хрватска се оние одобрени од Европската агенција за лекови, но и „Спутник V“ и „Синофарм“. Хрватска претходно најавила дека ќе биде една од првите држави на Балканот што ќе ги вакцинира своите жители со трета доза вакцина против ковид-19.
Кога станува збор за Австрија, за влез е потребен сертификат за вакцинација со кој се докажува дека од примањето на втората доза поминале најмногу девет месеци. Во спротивно, потребен е доказ за негативен резултат од ПЦР-тест, антигенски тест или доказ за прележан ковид-19 пред не повеќе од 6 месеци.
Може да се помине границата и со потврда за присуство на антитела не постара од три месеци.