РЕГИОН

Се намалува сеизмичката активност на Санторини

Константните земјотреси близу Санторини постепено се намалуваат откако почнаа пред еден месец, велат грчките сеизмолози кои го следат феноменот. Подморските потреси, понекогаш регистрирани на неколку минути разлика, принудија илјадници жители и работници да избегаат од популарниот остров Санторини, но и од соседните Иос, Аморгос и Анафи.

Advertisements

Училиштата на овие острови се затворени веќе четири недели, а многу ограничувања и натаму се на сила. Но, научниците велат дека се охрабрени од опаѓањето на таканаречениот рој земјотреси.

„Сеизмичката активност продолжува постепено да се намалува, како во дневниот број потреси, така и во нивната максимална јачина. Нови микросеизмички бранови не се забележани од 15 февруари“, соопшти Комитетот за управување со ризици и кризи на Универзитетот во Атина.

Овој комитет регистрирал над 23.500 земјотреси меѓу 26 јануари и 22 февруари. Неколку од нив имале јачина од 5,3 степени според Рихтеровата скала и предизвикале мали оштетувања. Градоначалникот на Санторини Никос Зорзос изјави дека неколку илјади жители се вратиле на островот од крајот на минатата недела.

Ефтимиос Лекас, шефот на државната Организација за планирање и заштита од земјотреси, кажа дека сеизмичката активност во регионот ќе продолжи уште неколку недели, а можеби и месеци.

„Се соочуваме со уникатен феномен во уникатен регион. Ризикот не е целосно елиминиран. И натаму постои опасност од земјотрес од шест степени, но шансите за тоа сега се многу помали“, кажа Лекас.

Во почетокот на овој месец, грчките власти затворија школи и испратија спасувачки тимови, специјални сили, шатори и дронови на Санторини поради стравувањата дека би можел да уследи голем земјотрес, а со тоа и цунами. Во следните денови илјадници луѓе го напуштија островот.

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button