Се очекува измените на Изборниот законик да влезат во собраниска процедура

Нормализирање на работата на Собранието, усвојување измени на Изборниот законик со примена на терминалот за отчитување на отисок од прст и вградување на препораките на ОБСЕ/ ОДИХР, најавија вчера претседателите на СДСМ Зоран Заев и на ВМРО-ДПМНЕ и Христијан Мицкоски, а веќе од денеска се очекуваат конкретни активности во законодавниот дом и работните групи. Со законски измени треба да се овозможи и договореното одложување на пописот на населението за наесен, од петти до 30 септември, како и на локалните избори за кои првиот круг треба да се одржи во втората половина на октомври, а во ноември вториот.
Во собраниска процедура, како што најави Заев, денеска се очекува да влезат измените на Изборниот законик во однос на идентификација на гласачите со отпечаток од прст кој е договорен меѓу поголемите политички партии.
– Презедовме обврска веднаш да продолжат работните групи и да разговараат за унапредување на Изборниот законик, пред се, вградување на препораките на ОБСЕ/ОДИХР во него. Исто така да се даде можност да се разговара за претстојните локални избори, а тоа е барањето на владејачките партии за отворени листи на локалните избори за советници, како и барањето на ВМРО-ДПМНЕ за избор на градоначалник во прв изборен круг со 30 проценти поддршка на кандидат од вкупниот број на гласачи во самата општина, но и за редовните парламентарни избори каде што би ги разговарале нашите барања и пред се, барањата на помалите политички партии – тоа е за една изборна единици, а од друга страна од ВМРО-ДПМНЕ да се разгледа можноста нашата дијаспора покрај гласањето во ДКП-та да може да гласа и во други гласачки места каде што има поголем број наше население, изјави Заев по средбата.