ВЕСТИЕКОНОМИЈА

Се замрзнуваат цените и на оризот, тестенините и јајцата

Владата донесе одлука да се замрзнат цените и на оризот, тестенините и јајцата до 31 јануари 2022 година, информира министерот за економија Крешник Бектеши.

-На предлог на Министерството за економија, Владата на денешната седница донесе одлука за проширување на листата на производи за кои ќе важат цените кои се применувале на 1 декември 2021 година во трговијата на мало и на големо. Листата се проширува со три нови основни прехранбени производи: ориз, јајца и тестенини, напиша Бектеши на својот фејсбук профил.

Според министерот, оваа одлука е со цел да се превенираат евентуалните поскапувања на овие основни производи кои исто како и другите основни прехранбени производи масовно се користат во исхраната на населението.

-Оваа одлука е со цел да се спречи натамошно пореметувањата на пазарот и отстранат штетните последици од пореметувањето на пазарот во поглед на снабдувањето на населението со основните прехранбени производи, се вели во Одлуката и се додава дека се исклучени цените на привремените попусти кои важеле на 1 декември 2021 година.

Оваа одлука ќе важи до 31 јануари 2022 година.

Владата на 4 декември донесе одлука да се замрзнат цените на лебот, шеќерот, брашното – тип 400, сончогледово масло за јадење, трајното млеко со масленост од 2,8, 3,2 и 3,5 проценти, свежото месо и сувомесни производи, сирењето и урдата, нема да се менуваат до крајот на јануари. Замрзнувањето на цените важи во трговијата на мало и на големо.

Од Владата најавија дека одлуката за определување највисоки цени на основни прехранбени производи, може да биде продолжена и по 31 јануари 2022 ако тоа и натаму го бара состојбата на пазарот.

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button