ВЕСТИЕКОНОМИЈА

Тендери, ЕВН Хоме доби понуда од АД ЕСМ

Државната компанија за производство на електрична енергија ЕСМ конечно испрати понуда на тендерот на ЕВН Хоум. Еден мегават струја ЕСМ ќе му го продава на Универзалниот снабдувач за 41 евро или за пет евра повеќе во однос на 2021 година. Од ЕВН Хоум велат дека оваа цена е за периодот јануари – јуни и дека ЕСМ дал потврда дека ќе обезбеди 100 отсто од потребите на граѓаните и на малите потрошувачи.

„АД ЕСМ како најповолен понудувач ќе ги покрие вкупните планирани потребни количини на електрична енергија за корисниците кои се снабдувани од страна на Универзалниот снабдувач за првата половина од 2022 година. Добиената купопродажна цена е за 13,6% повисока од претходната која беше добиена на последниот тендер на Универзалниот снабдувач“, наведоа од ЕВН Хоум.

Според планот за производство, сите 100 отсто ЕСМ ќе ги обезбеди од домашните електрани, што значи дека нема да планиран увоз. Инаку, според нашите информации, веќе е договорено укинување на дневната евтина тарифа на струјата, додека ноќната и во неделите останува на располагање за граѓаните. Властите сметаат дека подобро е да се промени моделот.

„Да ја зголемиме помошта за граѓаните кои имаат најголема потреба, ранливите категории на граѓани и работиме на промена на моделот на поддршка за енергетска сиромаштија со директен систем на ваучер. Средствата директно да ги трансферираме за потребите на домаќинствата за сметки за електрична енергија“, велат од Министерството за економија.

Инаку, Владата планира да го укине данокот на додадена вредност на увозот на електрична енергија преку системот за пренос. Според даночните експерти оваа измена на Законот нема да влијае врз конечната цена на струјата за граѓаните, туку ќе ослободи повеќе ликвидност за државното МЕПСО. Исто така Владата планира да го укине и ДДВ – то при увозот на природен гас и да ја намали акцизата за овој енергенс. Во следните две недели Регулаторната комисија за енергетика треба да ги пресмета барањата на енергетските компании од земјава и да одлучи колкаво ќе биде поскапувањето на сметките за струја на домаќинствата.

Иле Петревски

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button