ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Денеска гласаат болните и затворениците

За разлика од првиот круг на претседателските избори пред две недели, кога гласаа над девет илјади лица пријавени како болни и изнемоштени, бројката сега порасна. Денеска, за вториот круг од претседателските избори пријавени за гласање се 11.095 лица, додека пак за парламентарните избори правото на глас најавиле дека ќе го остварат 11.197 болни и изнемоштени.

Освен гласање во домовите на болните, но и во старските домови каде се пријавени 534 лица, избирачкиот процес денеска се одвива и во казнено-поправните установи за 2.147 затвореници и притвореници.

Во затворот во Идризово информираа дека гласањето се одвива без проблеми и потешкотии. До 11 часот гласале скоро 30% од запишаните 887 избирачи.

„До сега се излезени 250. Гласањето започна во седум часот и ќе заврши во 19 часот. Нема некои проблеми, се си тече најнормално“, рече Зоран Петровиќ – член на избирачки одбор.

Од избирачкиот одбор велат дека ги прашуваат затворениците за кои избори сакаат да гласаат, или пак и за парламентарните и за претседателските избори.

„Тие ги земаат и двете ливчиња, ама кој сака гласа, а кој не или го остава празно или го прешкртува. Тоа е нивна волја“, додава Петровиќ.

Освен дома, денеска се гласа и во странство, но само за претседателските избори, бидејќи за парламентарните немаше доволно пријавени гласачи. Од Државната изборна комисија соопштија дека во дијаспората своето право на глас може да го остварат 2569 избирачи, во 31 дипломатско-конзуларно претставништво.

Лука Андреев

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button