Шајдер за Алсат: Бугарија игра на националистичка карта

Европратеникот Андреас Шајдер смета дека спорот меѓу Македонија и Бугарија е апсурден.
Ако бугарскиот и македонскиот јазик се толку блиски, најдобро е за сите, бидејќи луѓето можат да се разберат додека зборуваат на нивните мајчини јазици. Ова не е проблем! Напротив, тоа е приоритет за Западен Балкан!“-рече Андреас Шајдер, европратеник.
Тој вели дека ЕП инсистира на започнување преговори со Скопје. Тој очекува што побргу Софија да сфати дека ветото не носи корист никому. Шајдер ги потсетува лидерите во регионот на кревката историја и дека прекумерниот национализам се плаќаше со многу крв во 90 – тите години на минатиот век и дека сега е време да се изгради заедничка иднина.
Јас сум 100% убеден дека проширувањето мора да продолжи. Проширувањето значи тешки преговори, многу реформи во владеењето на правото, борба против корупцијата, инвестиции во инфраструктура, енергија, образование, економија. Ќе биде тежок процес, но мора да започнеме. Не можеме да си дозволиме да трпиме последици бидејќи сосед става вето затоа што има избори и игра на оваа националистичка карта. Ова не е исравно! Ова не е европски дух! „Ние мора да бидеме многу децидни и да кажеме дека не прифаќаме ваква блокада“-изјави Андреас Шајдер, европратеник.
Експертот за настаните на Балканот, Флоријан Бибер, вели дека последиците од бугарското вето, освен Македонија, ќе ги претрпат и регионот и самата ЕУ. Според него, процесот на проширување станал непредвидлив, што значи дека во иднина секоја земја – членка може да блокира земја – кандидат од која било причина.
Не можеме да бидеме сигурни дали Хрватска ќе стави вето на Србија или Црна Гора, Унгарија или која било друга земја – членка од која било причина. Холандската влада која е против проширувањето може да каже „Стоп“. Пораката ја поткопува идејата дека проширувањето се заснова на заслугите на една држава. Ова е „вистинска главоболка“ за ЕУ. Големите земји – членки треба да се разбудат, да сфатат дека ова нема да се регулира само по себе. Дури и ако има зелено светло за РСМ следниот месец, тоа нема да го прекине проблемот, туку само ќе го потисне. Се плашам дека ќе видиме друга злоупотреба во блиска иднина!“-рече Флоријан Бибер, професор.
За да се отвори патот кон ЕУ, Софија го условува Скопје да се придржува кон формулирањето на јазикот во согласност со Договорот од 2017 година, упатства со прецизни рокови за спроведување на договорот и јасен текст дека македонското малцинство во Бугарија не постои.
Анеса Салиху