Шаќири: Да се почитуваат протоколите за да останат училиштата отворени

Министерот за образование и наука Јетон Шаќири кој претпладнево го посети основното училиште „Битолски конгрес“ во скопската општина Чаир изјави дека директорите на сите основни и средни училишта со кои комуницирал во изминатите десет дена го известиле дека се подготвени за настава со физичко присуство и апелираше доследно да се почитуваат антиковид-протоколите за да се заштити здравјето и училиштата да останат отворени до крајот на учебната година.
„Најважна информација е дека училиштата се подготвени. Најрадосен сум што во училниците видов деца кои се радосни за почетокот на второто полугодие и дека се во училиштата. Ќе бидеме во секојдневна комуникација со претставници на сите училишта за нови случаи и секој ден ќе ја имаме предвид реализацијата на наставата. Директорите кажуваат дека нема огромен број позитивни наставници, професори или деца“, рече Шаќири.